Владата и ФФМ обезбедија дополнителни 260 илјади евра за завршување на активностите пред Суперкупот

Владата на Република Македонија и Фудбалската федерација на Македонија во заеднички договор обезбедија дополнителни 16 милиони денари, или околу 260 илјади евра, како би се создале услови за довршување на реконструкцијата на „Телеком арената“ пред УЕФА Суперкупот кој е закажан за 8. август во Скопје.

„Владата донесе одлука Акционерското Друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор да издвои седум милиони денари од тековното работење, за итна набавка на клима уреди за потребите на Телеком Арената во Скопје, на која што треба да се одигра натреварот во рамки на УЕФА Супер купот. На претпријатието му се укажува останатите 4 милиони денари да ги резервира наменски за евентуални дополнителни тековни потреби. Како резервен фонд договорено е Фудбалската федерација на Македонија да обезбеди пет милиони денари. Со тоа се создадени услови за довршување на реконструкцијата на стадионот и за одржување на меѓународниот натпревар согласно стандардите на УЕФА, за што тим на организацијата ќе дојде следниот месец во земјава да направи проверка“ – се вели во соопштението од Владата на РМ.

Како што е познато, претходно УЕФА испрати писмо до Владата и ФФМ во кое побара финансиски гаранции од македонската влада со кои што ќе потврди дека работите на „Телеком арената“ ќе бидат до крај завршени.

Факт е дека остануваат мали детали околу довршување на задачите за максимално подготвени да го дочекаме најголемиот европски клупски собир на почетокот од новата сезона. За добрите познавачи на состојбите во светот на фудбалот, сосема е јасно дека УЕФА откако веќе одржа прес-конференција во Скопје за одржувањето на Суперкупот а притоа веќе ги стартуваше и активностите околу продажбата на билетите нема никаква шанса да го премести Суперкупот 2017 на друго место. Забелешките и инспекциите пред вакви настани секогаш и секаде се до последен момент, па и пред големите Европски шампионати. Очигледно и комплетната политичка ситуација во земјава влијаеше дополнително, заради разно-разни интереси, да се „драматизира“ состојбата, иако е сосема јасно, независно и од финалните инспекции, дека УЕФА Суперкупот ќе се одржи на 8. август на „Телеком арената“ во Скопје.

Се вчитува...