Владата на САД од Ленс Армстронг бара 100 милиони долари!

Американската влада го тужи велосипедистот Ленс Армстронг и во судската тужба од него бара 100 милиони долари. Судијата Кристофер Купер го закажа судењето за 6 ноември во Вашингтон.

Правниот тим што го застапува Армстронг, бараше судењето да се одложи за 2018 година, но нивното барање беше одбиено. Американската влада од Армстронг бара да врати 32 милиони долари колку што дала државната компанија US Postal Servise за спонзорирање на неговиот тим, плус отштета.

Неговиот поранешен тимски колега, Флојд Ландис, во мај 2010 година го обвини Армстронг дека го прекршил спонзорскиот договор земајќи недозволени стимулативни средства и поттикнувајќи ги и другите членови на тимот да го прават тоа.Американската влада се приклучи во тужбата во 2013 година откако Армстронг призна дека мамел по што му беа одземени седум титули од трката Тур де Франс.

Ландис, на кој во 2006 гдоина му беше одземено првото место на Тур де Франс поради позитивниот допинг тест, може да добие 25 проценти од сумата што судот може да ја одреди како отштета.

Поради допинг скандалот, Армстронг во октомври 2012 година доби доживотна суспензија и одземени му се седум титули од Тур де Франс, откако призна дека користел допинг. Претходно американскиот велосипедист во разни судски процеси една година негираше дека користел забранети стимуланси.

Се вчитува...