Владо Илиевски во нова улога – претседател на Илирија

Легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, по завршувањето на играчката кариера прифати еден поинаков предизвик во овој спорт, застанувајќи на чело на словенечкиот клуб Илирија. Станува збор за екипа што минатата сезона испадна од елитното друштво, по што си заминаа претседателот и тренерот Саша Дончиќ (татко на Лука Дончиќ).

„Илирија е клуб во кој тренирав и постоеше можност да настапувам за оваа екипа кога си заминав од Работнички, но од оправдани причини тоа не се случи. Сега кога клубот се наоѓа во незавидна позиција по испаѓањето од елитата, ја прифатив одговорната улога да бидам претседател на овој колектив и заедно со неколку членови на управниот одбор да тргнеме амбициозно и да се обидеме да се вратиме во првата лига. Ова е ново искуство за мене, но верувам дека ќе одговорам на предизвикот“ – изјави Илиевски за ЕКИПА.

Стрелецот на најзначајната тројка во историјата на мак-баскетот останува и дел од кошаркарскиот проект во Струмица, клуб што ќе се натпреварува во Втората лига.

„Јас помогнав во поставувањето на темелите, и можеби ќе бидам дел од управата, но нереално е да станувам предводник на тој проект кога живеам во Љубљана. Секако дека ќе помогнам секогаш кога ќе бидам во можност, мојата иднина е во кошарката на релација Словенија – Македонија, искуствата што ги поседувам ќе ги споделам со оние кои ќе побараат помош и совет“ – порачува Владо Илиевски.

Се вчитува...