Влахо: Првиот чекор во сезоната е секогаш тежок, против Борец со сите сили до целта

Работнички денеска од 17:30 часот на арената „Тодор Проески“ го пречекува Борец во првото коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Со значително реновиран тим, „романтичарите“ ќе се обидат да ги остварат клупските цели, а тие секогаш, како што најавуваат, се високи, со надеж за излез на европска сцена.

Пефот на стручниот штаб Александар Влахо, со верба во работата и квалитетите на тимот, но и должна почит и респект за противникот, го најавува првото пролетно коло, истакнувајќи дека првиот чекор е секогаш тежок.

„Првиот натпревар е секогаш тежок, како вовед во сезоната. Тимот е подготвен, се надевам дека ќе прикажеме допадлив фудбал и  ќе се обидеме да стигнеме до успех на стартот. Но, тоа секако нема да биде лесно. Борец е квалитетен тим, предводен од Борче Христов кого многу го ценам како стратег, секогаш умее да го извлече максимумот од составот со кој располага. Што се однесува до Работнички, и ние значително го менувавме, доведовме неколку нови фудбалери во летниот преоден рок и очекувам дека добро ќе се вклопат во тимот. Можеби ќе биде потребно уште малку време за да се воиграме, но почнува борбата за бодови и ние сме максимално фокусирани да ја оствариме нашата цел“ – вели Александар Влахо.

Натпреварот меѓу Работнички и Борец ќе го суди Јован Качевски од Струга. Негови асистенти се Слаѓан Маркоски (Гостивар) и Давор Цветаноски (Кичево), а четврти судија е Јосип Бартон (Скопје). Делегат на натпреварот е Берат Исмаили (Гостивар), а контролор на судењето ќе биде Зоран Николовски (Скопје).

ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17:30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – БОРЕЦ

Прилеп: ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКУПИ

Тетово: РЕНОВА – СКОПЈЕ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ПЕЛИСТЕР

Струмица: АК. ПАНДЕВ – СТРУГА ТЛ (20 ч.)

Се вчитува...