Влаховиќ нов плејмејкер во Еуро Никел, потпишан и Мамузиќ

Еуро Никел продолжува со формирањето на силна екипа за наредната сезона, откако кавадарчани договорија уште едно квалитетно засилување. Станува збор за српскиот плејмејкер Александар Влаховиќ, кој начелно ги договори условите од трансферот и во наредните денови би требало и официјално да го стави својот потпис на договорот со кавадаречкиот прволигаш.

Станува збор за искусен 30-годишен кошаркар кој како јуниор ги мина младинските категории во Партизан, по што настапуваше за Визура и за Слога Краљево. Следеа неколку трансфери во Унгарија и Романија, а последните три сезони Влаховиќ ги мина во екипите на Стеауа (Романија), Интер Братислава (Словачка) и Сентур (Словенија).

Во меѓувреме раководството на Еуро Никел ги финишираше и преговорите со Ранко Мамузиќ. Поранешниот младински репрезентативец пристигнува од редовите на МЗТ Скопје, каде не доби шанса каква што очекуваше, па вториот дел од ланската сезона ја мина во дресот на вториот тим на „металците“.

Кавадарчани од претходно го договорија и поранешниот центарски тандем на Блокотехна, Мијатовиќ – Казарновски, a во однос на ланскиот ростер останаа клучните домашни кошаркари, Соколов, Петровски и Караколев.

Се вчитува...