Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Влатко Тасевски не го крие задоволството од повеќе од успешно заокружениот „Трофеј Македонија 2026“, кој изминатиов викенд се одржа во Охрид.
Првиот оперативец на РФМ, анализирајќи ги активностите во рамките на „Трофеј Македонија 2026“ посебно го потенцира и првиот Женски ракометен форум кој се одржа во Македонија а кој привлече внимание во јавноста со учество на дел од најголемите ракометни легенди од Балканот како панелистки на истиот.
„Зад нас е еден убав и содржаен ракометен викенд во Охрид. Во изминатите три дена, преку „Трофеј Македонија“ и првиот Женски ракометен форум, се обидовме да направиме нешто повеќе од организација на уште еден турнир. На „Трофеј Македонија“ имавме можност да ги пречекаме репрезентациите на Србија, Хрватска и Црна Гора и да одиграме квалитетни натпревари кои се исклучително важни за нашата женска сениорска репрезентација. Резултатите секогаш се важни, но во овој период уште поважно е да видиме каде сме, што треба да подобриме и да создадеме услови репрезентацијата да расте низ силни натпревари“ – вели Тасевски и дополнува:
„Паралелно со турнирот, за првпат го организиравме и Женскиот ракометен форум во Охрид. Посебно ми е драго што на едно место успеавме да собереме големи имиња од регионалниот и европскиот ракомет – Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ – и нивните искуства да ги доближиме до нашите ракометарки, а особено до помладите генерации. Разговорите беа искрени и отворени. Се зборуваше за успесите, но и за тешките моменти во кариерата, за притисокот, повредите, односот со тренерите, самодовербата и за сето она што една млада ракометарка ја очекува на патот доколку сака еден ден да игра на највисоко ниво. Токму тоа беше и нашата цел. Сакаме младите девојки да имаат кого да гледаат, од кого да учат и да почувствуваат дека и пред нив постои пат по кој можат да стигнат далеку“.
Тасевски истакнува дека како Ракометна федерација на Македонија се, и тоа како, свесни дека развојот на женскиот ракомет не може да се случи преку еден турнир или еден форум, а потребна е континуирана работа – во клубовите, младинските категории и репрезентациите, но и многу поголема промоција и внимание кон женскиот спорт.
„Овој викенд во Охрид беше еден чекор во таа насока. Благодарност до репрезентациите на Србија, Хрватска и Црна Гора што ја прифатија нашата покана, до сите панелистки на Форумот, ракометарките и стручните штабови, како и до сите луѓе кои беа вклучени во организацијата. И, секако, благодарност до публиката и до младите ракометарки кои беа дел од овие три дена. Продолжуваме понатаму. Идејата е ваквите настани да не останат исклучок, туку да станат дел од начинот на кој заеднички ќе го градиме и промовираме женскиот ракомет во Македонија“ – вели генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
