Лекарскиот тим на Барселона има полни раце работа овој октомври откако повреди во изминатиот период заработија стандардни првотимци како Ламин Јамал, Рафиња, Гави, Џоан Гарсија, како и Фермин Лопез и Марк Андре Тер Штеген.
Во една ваква ситуација каталонците викендов го претрпеа првиот пораз во Ла Лига сезонава, со убедливи 4-1 од Севилја, но од Барселона стигнуваат охрабрувачки вести околу здравствената состојба на клучните асови. Бразилецот Рафиња ќе биде „фит“ по завршувањето на октомвриската репрезентативна пауза, а одлична вест е што и Ламин Јамал забрзано се рехабилитира од својата повреда.
Првичните прогнози велеа дека Јамал ќе го пропушти претстојното „Ел Класико“ закажано за 26 октомври, но последните информации се далеку попозитивни за Ханси Флик.
Имено, крилниот офанзивец би требало да биде подготвен за настап веќе за мечот од ЛШ против Олимпијакос закажан за 21 октомври, по што би бил и стартер на големото дерби со Реал Мадрид пет дена подоцна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

