Спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Себастијан Кел, беше бесен на главниот судија Саша Стагеман по ремито против Бохум со кое „милионерите“ ја загубија пол-позицијата во трката за титулата во Бундес-лигата.
Борусија имаше повеќе од играта, создаде неколку одлични шанси за втор гол, но според Кел главен виновник што неговиот тим не победи е главниот судија.
„Во изминатиот период бевме многу самокритични, но сега вината мораме да ја побараме на друго место: Против Бохум – судијата беше тој што го реши натпреварот и не ни дозволи да победиме. Тука е првиот гол за Бохум, има очигледно туркање врз Емре Џан, секој што некогаш играл фудбал знае што значи да скокнете топка и некој да ве турне. Емре паѓа, тоа е фаул, но судијата дозволи акцијата да продолжи и Бохум поведе. Имаше и два пенала за нас во второто полувреме, а смешно е што тој не ни отиде да ја погледне ситуацијата. Тоа е непрофесионализам, кукавичлук, Стагеман немаше храброст да досуди пенал за нас, што е катастрофално кога се наоѓаме во борба за шампионската титула“, изјави Кел.
Борусија Дортмунд има предност од два бода во однос на Баерн Минхен, но баварците со триумф на домашен терен над Херта би се вратиле на првото место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА