Во Италија трансферите на последниот ден од преодниот рок се договараат во ексклузивен хотел

Летниот преоден во Италија ќе се затвори во 20 часот, а догогаш во фокусот ќе биде луксузниот хотел „Шератон„ кој се наоѓа во близина на стадионот Сан Сиро во Милано. Таму се собираат претставниците на клубовите и агентите на играчите за да ги финализираат преговорите на последниот ден од летниот преоден рок.

Во денешно време кога со еден видео повик може да се заврши работата, Италијанците не се откажуваат од традицијата која започна во 1951 година, и е почитувана од фановите и од медиумите.

Во 1951 година, тогашниот претседател на Палермо,Рајмондо Ланца ди Трабија, одлучи да изнајми соба во хотелот „Галија“ во Милано, и да ги покани менаџерите на другите тимови со кои сакаше експресно да ги финишира преговорите за трансферите.

Ди Трабија имал невообичаена тактика со која вршел притисок врз претставниците на другите клубови. Италијанските медиуми пишуваат дека кога луѓето ќе му тропнеле на врата за да започнат преговори, го затекнувале во када со шише шампањско покрај него. Целта му била на конкурентите да им биде непријатно и побрзо да ја завршеле работата.

Спортскиот директор на Спал, Паоло Маца, токму во хотел го направи еден од најневообичаените трансфери. Имено, во 1953 година, тој од Наполи го купи голманот Отавио Бугати, така што како чек и гаранција во банка ја приложил кутијата од цигари на која претседателот на тимот од Неапол, Акиле Лауро, му напишал плати 55 милиони лири.

Традицијата во последниот ден од преодниот рок, претставниците на екипите да се собираат во еден хотел продолжила до денешен ден, само се менуваат хотелите во Милано.

„Отсекогаш верував дека ова е мудро бизнис решение. Од мојот ментор Силвио Берлускони научив дека е најдобро да се продава на почетокот од преодниот рок, а да се купува во последните моменти бидејќи кој и да побара 100 милиони на 1 јули, на 31 август може да добие 20, 30 или 40 милиони за истиот играч“,  ги цитираат италијанските медиуми, зборовите на поранешниот претседател на Милан, Адријано Галијани.

Се вчитува...