Во изборот на „Макфудбал“: Агим Ибраими, играч на месецот во Првата фудбалска лига

Агим Ибраими, „десетката“ на Шкендија, според изборот на специјализираниот портал „МАКФУДБАЛ“, е најдобриот играч за месец март во Првата фудбалска лига. Актуелниот лидер бележеше триумфи, а Ибраими беше еден од најзабележителните фудбалери во успесите на Шкендија. Тој постигна два гола и имаше пет асистенции, еднаш беше избран за играч на колото, а трипати беше во тимот на колото во изминатиот месец.

„Ова е признание кое навистина многу ми значи. Да бидеш избран за најдобар, од специјализиран фудбалски медиум, во својата држава. Повеќе од една деценија бев интернационалец, но, искрено, најубаво е чувството кога ќе те ценат и почитуваат дома. Искрено посакувам да ја негувате традицијата долги години и фудбалерите од домашниот шампионат да го добијат заслужениот публицитет. За оваа награда се заслужни и сите соиграчи од Шкендија, но и сите вработени во клубот, затоа што сепак е ова тимска игра“, вели Агим Ибраими за Макфудбал.мк.

Одличниот играч за врска верува дека Шкендија ќе успее да ја одбрани шампионската титула и дека потоа ќе има одлична презентација на меѓународната сцена.

„Се вратив во Шкендија за да направиме нешто големо. Ја препознав таквата идеја во разговорите со раководството и можам да кажам дека сме на вистинскиот пат. Треба да продолжиме напорно да работиме и да се усовршуваме, да победуваме и да освојуваме бодови на секој нареден натпревар и само така ќе стигнеме до шампионскиот трофеј. Потоа не чека уште потешка задача, да ја презентираме Шкендија и македонскиот фудбал на најдобар можен начин во фудбалска Европа. Сите сакам да ги уверам дека во Македонија се игра навистина квалитетен фудбал и единствено во што многу заостануваме е инфраструктурата. Но, со напорна работа се може да се оствари“, порачува Агим Ибраими.

Се вчитува...