Во Луксембург по максимален ефект – Македонија го затвора првиот претквалификациски циклус

Македонската сениорска репрезентација денеска (16 часот) ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.

Во „Националниот центар за спорт и култура“ во Луксембург, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе се соочат со домашната селекција, со јасна желба квалификацискиот циклус да го завршат со максимален учинок.

Со пет победи во исто толку одиграни натпревари, Македонија веќе го обезбеди првото место во групата „А“ и пласман во следната фаза од претквалификациите.

Иако дуелот нема резултатско значење, во нашиот табор владее желба успешната серија да биде продолжена и во Луксембург.

„Точно е дека со победата против Ирска веќе ја завршивме работата. Но никој од нас не планира да се опушти. Напротив, ќе играме максимално одговорно, бидејќи сакаме победа за крај на квалификациите. Кој и да истрча на теренот, сигурно ќе даде се од себе бидејќи само така можеме да ја постигнеме целта“порача Ваљмир Какруки.

Натпреварот меѓу Луксембург и Македонија започнува во 16 часот, а директен телевизиски пренос е обезбеден на програмата на МРТ 3.

Се вчитува...