Во Македонија конечно почна да се разговара за значењето на спортските медиуми и нивната важност во промоцијата на македонскиот спорт!

Агенцијата за млади и спорт преку Европска недела на спортот во Македонија и проект BeActive, финансиран од Европската комисија, а имплементиран од АМС од 2018 изминативе два дена организираше конференција на тема „Промоција на македонскиот спорт во медиумите”!

На конференцијата на која партиципираа и дел од националните федерации но и истакнати македонски спортски имиња како Гордана Нацева, Никола Ѓошевски, Стевче Алушовски, Љуљзим Вранези…, како и деканката на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, Ленче Алексовска, едногласно беше нагласена важноста на медиумите како значајна алка од целокупниот ланец во изградбата на квалитетен спорт и спортист.

Ова е првпат во Македонија да се организира конференција од ваков тип во нејзината независност на која беше потенцирана улогата и значењето на спортските медиуми и редакции од најголемите традиционални и онлајн-медиуми, за развојот и промоцијата на спортот. Но, кои досега не наидуваа апсолутно на никаква соодветна поддршка, преку разни форми, ниту од државата, ниту од европските фондови ниту од домашниот бизнис сектор.

„Во овие два дена разговаравме за начините како до поголема промоција на македонскиот спорт во медиумите, преку решенија, ставови и идеи. Спортот обединува, а македонскиот спорт има што да понуди и затоа треба да најдеме вистински начин како тоа да го покажеме. Тука сме да одговориме на сите прашања и предизвици со цел македонскиот спорт да го подигнеме на едно повисоко ниво како што заслужува. Благодарност до сите спортски новинари, спортисти актуелни и поранешни, спортски работници, универзитетски професори од ФФОСЗ кои учествуваат во оваа конференција“ – истакна и директорот на Агенцијата за спорт и млади, Наумче Мојсоски, кој на крајот од конференцијата потенцираше дека сите заеднички мора да направиме максимални заложби за спортот да го добие највисокото место на приоритети во државата, затоа што е најголемиот можен амбасадор во светски рамки на Македонија.

На конференцијата одржана во хотелот „Лимак“ во Скопје, меѓу другото, новинарите од речиси сите спортски медиуми во земјава, видни и познати спортисти, како и високите претставници на академската фела, се согласија на Агенцијата за млади и спорт да и препорачаат неколку форми на помош со кои би било олеснето делувањето на спортските редакции и нивно опстојување. Во исто време тоа би значело и дека би била остварена поголема промоција и на македонскиот спорт кој се соочува со сериозни предизвици низ годините кои доаѓаат.

Се вчитува...