Ракометниот клуб Охрид се наоѓа пред најголемиот успех во својата клупска историја – првиот европски трофеј!
По триумфот од 28-29 на првиот натпревар во Унгарија против фаворизираната Татабања во финалната серија, во Охрид вистинска ракометна еуфорија пред денешниот реванш дуел од финалето во ЕХФ Европскиот Куп.
„Веќе испишавме историја со самиот пласман во финалето. Ова е огромен успех за клубот, градот и државата. Сега сме на чекор до освојување на трофејот, што би било нешто неверојатно. Нема сомнеж дека ќе го дадеме и последниот атом од нашите сили за на крај сите заедно да се радуваме“, вели тренерот на охриѓани, Ројевиќ.
Слично размислува и голманот Кристијан Пилиповиќ, кој секако е максимално позитивно расположен пред утрешниот натпревар.
„Мислам дека мораме да бидеме концентрирани на нашите задачи и максимално фокусирани. Оваа сала и оваа публика треба да го добијат тоа што го заслужуваат. Еве веќе се наежив. Треба таа поддршка да ја искористиме на вистински начин и да не изгориме во желбата. Сите едвај ја чекаме оваа средба. Јас верувам во нова победа. Ќе го дадеме максимумот за овој град и за овој клуб“, порача голманот на Охрид.
Финалниот натпревар меѓу Охрид и Татабања се игра вечерва од 20 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
