Во пресрет на Ф4: Одбојкарите со мислите против Хрватска, а во потсвеста им е златото

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија се наоѓа пред финалниот испит за оваа сезона, учеството на Ф4 турнирот во Сребрената Европска лига кој ќе се одржи в петок и сабота во Скопје. Нашите одбојкари во полуфиналето ќе вкрстат со селекцијата на Хрватска, а сонот е конечно да се освои златниот медал.

Капитенот Никола Ѓоргиев верува дека Македонија има сили за да ја реализираа оваа мисија со победнички крај. Секако, во мислите прво е полуфиналниот меч со Хрватска.

„Доаѓа најдоброто и најубавото, она за што трениравме од 8 мај, она за што зборуваме цело време уште од кога го добивме Ф4. В петок се среќаваме со Хрватска, ја посакувавме, ја знаеме повеќе од Белорусија. Ги познаваме нивните играчи, го имаме Љафтов кој беше таму, нашиот селектор исто така таму беше тренер. Се надевам дека в петок ќе бидеме во максимална форма. Во овие денови да се фокусираме на нашите предности и со срце да успееме да победиме, а потоа да размислуваме за сабота и за злато. Наш сон е златен медал. Оваа генерација која игра од 2013 година заедно, им го пренесува победничкиот менталитет и на новите момци. Имавме одлични подготвки и го заслужуваме златниот медал и мислам дека ќе го оствариме тоа“, вели капитенот, Никола Ѓоргиев.

Селекторот Љубомир Травица исто така е реален оптимист. Знае колку може во овој момент да извлече од македонските одбојкари.

„Хрватска е силна селекција и веројатно најкомплетна на овој турнир. Има голем број играчи, поголемиот дел се искусни, настапуваат надвор од државата и во овој момент покажаа дека се исклучително непријатна екипа. Дури ја победија и Белорусија. И тие имаа слаби точки, ние тоа ќе се трудиме да го искористиме. Нема воопшто да биде лесно, имаат одлични сервери, а токму тој елемент ќе одлучува. Треба да го скротиме нивниот сервис. Ќе биде надигрување и надмудрување за секој поен. Во дадена ситуација ќе треба да надополниме и со срце. Се обидуваме да го намалиме бројот на грешките. Оваа наша екипа во овој момент не може да даде колку што треба и може. Но, од прв ден рековме дека сите тие проблеми ќе ги надоместиме со повеќе срце. Сите сме фокусирани на овие два дена кои се најважни, за конечно да се оствари сонот“, истакна селекторот Љубомир Травица.

 

Се вчитува...