Сите оние кои се интересираат за Алисон Бекер треба да почнат да бараат други алтернативи за голманската позиција. Ова е пораката што денеска ја испрати претседателот на Рома, Џејмс Палота, јасно ставајќи до знаење дека нема намера да го продаде бразилскиот голман во претстојниот преоден рок. Ливерпул веќе подолго време се поврзува со трансфер на Алисон, во трката неодамна се вклучи и Реал Мадрид, но Палота најави дека Рома воопшто нема да преговара за продажба на 25-годишниот чувар на мрежата.
„Немаме намера да го продадеме. Мислам буквално никакви шанси. Сигурно ќе се најдат клубови што ќе дојдат со понуди, Алисон Бекер е одличен голман, но ние не сме заинтересирани за било какви разговори. Го имаме најдобриот голман за нас во моментов и дефинитивно нема да го пуштиме да си замине“ – изјави Палота за „Скај Италија“.
Рома моментно се наоѓа на четвртото место во Серија А, со еден бод предност во однос на Интер на петтата позиција на табелата. Воедно, „волчицата“ ја очекуваат и полуфиналните пресметки со Ливерпул, за место во големото финале од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА