Во Тетово полошкото дерби: Шкендија и Гостивар ќе одлучуваат за есенската „круна“!

Распоредот на натпреварите во Првата македонска фудбалска лига сакаше токму со дерби пресметката меѓу Шкендија и Гостивар во последното есенско коло од првенството да се одлучува есенската „круна“ во шампионатот!

Шкендија и Гостивар, во меѓусебниот дуел, може да го одлучат тимот кој ќе презими на врвот од првенствената табела, носејќи ја „пол-позицијата“ низ пролетта во битката за шампионската титула.

„По претходните четири едноподруго победи, мислам дека тимот е максимално физички и психички подготвен и за денешниот натпревар, со надеж дека на крајот ќе дојдеме до нов позитивен резултат“ – вели фудбалерот на Шкендија, Мевлан Адили.

Гостивар е единствената екипа која сезонава има триумф против Шкендија.

„За жал, знаеме како помина последниот меч меѓу Гостивар во Скопје, но верувам дека денеска е можност да покажеме дека таа средба беше само случајност и дека ќе ги победиме во Тетово. За жал ќе се игра без присуство на навивачите и жалиме поради тоа, но 100% ги чувствуваме 100% и знаеме дека можеби физички нема да бидат на стадион, но со срце и душа ќе не поддржуваат како и секогаш. Се надевам дека на крајот ќе ги израдуваме нашите навивачи, ќе се израдуваме себеси и нашите семејства, да одиме да се одмориме со мирна глава и како лидери на табелата“.

Адили не крие дека секој во тимот сака да ја заврши сезоната со победа…

„Нормално, сакаме победа за крај на есента. Имаме тим кој заслужува да биде лидер на табелата. Кога си во серија од четири едноподруго победи, секако дека чувствуваш психолошка подготвеност со желба само за победа. Комплетни сме, се надевавме дека ќе го имаме на располагање и Фитон Адеми, но за жал ќе отсуствува. Но, ете нека биде денеска победа и за Фитон“ – порачува Адили.

ПРВА ЛИГА – 18. КОЛО

Гостивар: БЕСА – ШКУПИ
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР
Тетово: ШКЕНДИЈА – ГОСТИВАР
Кратово: СИЛЕКС – ВАРДАР
Струга: СТРУГА ТЛ – ВОСКА СПОРТ
Кавадарци: ТИКВЕШ – АП БРЕРА

Се вчитува...