Огромно е задоволството во редовите на македонската репрезентација по убедливата победа на гостувањето против Словачка, со што беше ставен крај на низата слаби игри, воедно и беа најавени подобри денови за нашата кошаркарска национална селекција.
„Ова е огромна победа за нас, одигравме одличен натпревар. Мислам дека пресуди одбраната, која ја игравме на највисоко ниво во текот на целиот меч. Во второто полувреме промашивме некоолку чисти шутеви, домаќините се вратија, но знаевме како да го приведеме мечот до крај. Ова е многу значаен резултат за нас на стартот од овие квалификации“ – изјави капитенот Војдан Стојановски, кој беше меѓу најзаслужните за победата со своите 20 поени.
Сличен е ставот и на неговиот брат близнак Дамјан, кој не го криеше задоволството што камбекот по долгата пауза од националниот тим поради повреда (заработена токму бранејќи ги боите на Македонија) го круниса со значаен триумф.
„Одлична победа, многу значајна на почетокот од овие квалификации. Мислам дека решавачки беше што одигравме фантастично во одбраната, што ни овозможи и лесни поени на спротивната страна. Задоволството е големо, но знаеме дека немаме многу време за славење бидејќи за неколку дена не очекува дуелот со Швајцарија, на кој ќе треба да ја потврдиме оваа победа“ – истакна Дамјан Стојановски за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА