Војдан: Најважно од се е да не се опуштаме

Капитенот Војдан Стојановски е свесен дека квалитетот е на наша страна, но македонските кошаркари не смеат да си дозволат опуштање во пресметката со Словачка (недела, 20.15 часот, СЦ „Јане Сандански“), клучен меч за осигурување на првото место во групата и пласман во следната рунда од претквалификациите за Евробаскет 2021.

„Сите ние како играчи знаеме колку е важен овој натпревар за нас. Најважно е да не се опуштаме само затоа што ги победивме Словаците на гостински терен. Едно е сигурно, нема да биде лесно бидејќи противникот не треба да биде отпишан. Важно е да почнеме максимално добро во одбраната, да го исфрлиме противникот од ритам и да стигнеме до посакуваниот триумф“ – изјави Стојановски.

Предводникот на нашиот национален тим изрази задоволство и за забрзаната рехабилитација на Ричард Хендрикс, кој ги надмина проблемите со болеста.

„За сите нас е одлична вест што Хендрикс дојде во Скопје, но и што во овие денови тренираше максимално и ќе ни биде од голема помош. Ќе повторам, најмалку важно е кој ќе постигне најмногу поени, дали Хендрикс, јас, Дамјан или некој друг, најзначајно е да стигнеме до победата“ – оптимист е Војдан Стојановски.

Се вчитува...