Војдан Стојановски двоцифрен против Реал Мадрид

Војдан Стојановски и Бетис немаа сили за ново изненадување против Реал Мадрид, губејќи на гостувањето против „кралскиот клуб“ со убедливи 87-76. Откако во првиот круг од Ендеса-лигата го зедоа скалпот на „кралевите“, Војдан и соиграчите овојпат парираа само во првите неколку минути, кога имаа и предност од 5-10.

Реал набрзина ги презеде работите под своја контрола, па „кралевите“ ја завршија стартната четвртина со двоцифрена позитива (25-14) што ја одржуваа до самиот крај. Војдан Стојановски стигна до двоцифрен ефект и со 11 поени, една асистенција и една украдена топка беше меѓу најзабележителните поединци во гостинскиот тим.

Бетис се наоѓа на делба на 16. место на табелата со Сарагоса и тимот на Стојановски го очекува тешка битка за опстанок до крајот на оваа сезона. Ниту распоредот не му е наклонет на тимот на Македонецот, кој по денешното дерби со Реал и во следните две кола има исклучително тешки натпревари, на домашен терен против Валенсија и Барселона.

Се вчитува...