Војдан Стојановски: Со добар пристап одиме на победа над Р. Ирска

Капитенот Војдан Стојановски вечерва повторно ќе ја предводи македонската сениорска репрезентација во натпревар кој може да го потврди пласманот во квалификациите за Евробаскет 2029. Македонија од 18:00 часот во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје ја пречекува Ирска во натпревар од 5. коло од претквалификациите, а евентуалната победа ќе значи и официјална потврда на местото во следната фаза.

Иако Македонија славеше на првиот меѓусебен дуел во Даблин, Стојановски предупредува дека ирската селекција не смее да се потцени.

„Вечерва играме против репрезентација која не беше воопшто лесно да ја победиме на гостински терен. Играат брзо, играат доста агресивно и затоа треба да бидеме максимално фокусирани и подготвени. Да имаме добар пристап и добра енергија, бидејќи само така можеме да дојдеме до победата која ни носи сигурен пласман во квалификациите за Евробаскет“, истакнува капитенот.

Стојановски нагласува дека двонеделниот подготвителен период бил искористен максимално, што е значајна разлика во однос на претходните ФИБА „прозорци“, кога времето за работа беше ограничено.

„Добро ги одработивме овие две недели. Имавме можност целосно да се посветиме на она што го бараше селекторот, за максимално подготвени да ги дочекаме овие натпревари. Контролните натпревари исто така многу ни помогнаа, особено ако се земе предвид дека повторно има промени во ростерот. Нашата цел останува иста – да играме добро и да победиме“, порачува Стојановски.

Македонија вечерва има можност со петта последователна победа во претквалификациите да го завери местото во квалификациите за Евробаскет 2029 и пред својата публика да направи уште еден значаен чекор кон нов европски предизвик.

Се вчитува...