Војна на фудбалските џинови во Минхен

Фудбалерите на Баерн Минхен ќе се обидат серијата фантастични настапи на домашен терен да ја продолжат и на вечерашната четвртфинална пресметка во Лигата на шампионите, во која баварскиот гигант за ривал ќе го има актуелниот европски првак Реал Мадрид. Пресметката меѓу двата тима од самиот врв на европскиот фудбал секогаш привлекува огромно внимание, домашниот терен речиси секогаш е предност, но баварците добро го паметат последниот меч на „Алијанц Арена“ против Реал, кога загубија со 0-4 и беа елиминирани од ЛШ. Интересно, тренер на Реал на тој натпревар беше Карло Анчелоти, кој сега седи на клупата на Баерн и е решен да го елиминира својот поранешен клуб.

Баварците играат пеколен фудбал во Минхен, на последните шест средби на домашен терен (во сите натпреварувања) забележаа исто толку победи со импресивна гол-разлика 29-2, но и на Анчелоти и на неговите избраници им е јасно дека Реал е ривал против кого ваквите статистики не значат ништо доколку не се одигра најдобро што се знае.

Ова сигурно ќе биде посебен меч за мене, поради врските што ги имам со поранешниот клуб и играчите во Реал. Јас и Зизу сме добри пријатели и многу ми е мило за трофеите што ги освои. Фактот дека ги познавам методите на Зидан, како и квлаитетите на играчите, нема да ми биде од голема помош бидејќи Реал е таков тим што секогаш ги игра клучните натпревари на извонредно ниво“ – истакна Анчелоти.

Отсуството на Матс Хумелс е сериозен проблем за италијанскиот стратег, кој непосредно пред мечот ќе донесе одлука дали да ризикува со Роберт Левандовски, откако полскиот интернационалец заработи незгодна повреда на рамото на саботното дерби со Борусија Дортмунд, па не тренираше со остатокот од тимот во последните денови.

На спротивната страна, Зинедин Зидан е принуден да го вклучи Начо во последната одбранбена линија во ситуација кога Варан и Пепе се повредени.

Знаеме се за големината на Баерн, но јас не се плашам од противникот, се плашам од својот тим. Ако играме како што знаеме сигурно ќе дојдеме до позитивен резултат, но тоа нема да биде нималку лесно“ – изјави шефот на стручниот штаб на Реал Мадрид.

Се вчитува...