Воскресна Гостивар, настрада МЗТ Скопје

Алек Јончевски имаше извонредно деби на клупата на Гостивар, предводејќи го овој тим до убедлив триумф над својата поранешна екипа МЗТ Скопје (65-51). Гостиварци по серијата слаби резултати се разделија од долгогодишниот стратег Марјан Србиновски, а Јончевски по само два дена работа успеа да најде начин не само да го земе скалпот, туку и да го понижи актуелниот шампион. Мора да се истакне дека „металците“ допатуваа ослабени, без тренерот Радуловиќ, капитенот Стојановски и Американецот Гравет, но МЗТ во тимот повторно го имаше Олуџоби, кој го пропушти последниот балон во АБА2 поради проблеми со коленото.

„Металците“ поведоа со 5-10 во раната фаза од мечот, по што Гостивар експресно се врати и ја доби стартната четвртина со 19-17. Како пресудна се покажа извонредната одбрана што избраниците на Јончевски ја одиграа во втората и во третата четвртина, кога во период од 20 минути МЗТ Скопје постигна само 15 поени (20-6 за Гостивар во втората, 15-9 во третата четвртина). Победникот практично беше решен, во последните десет минути се влезе со преубедливи 54-32 за домашниот тим, кој до крајот умешно ја одржуваше предноста до конечните 65-51, откако МЗТ буквално во последните секунди преку Мекиќ ја мина границата од 50 постигнати поени.

Вокер ги предводеше стрелците во победничкиот тим со 17 поени, единаесет реализираше Димчевски, а десет Јаневски, додека кај МЗТ Скопје најефикасни во денешното очајно издание беа Крстевски со 13 и Николов со 10 постигнати поени.

Се вчитува...