Време е и за мак-ракомет: Стартува супер-лигата, повторно без Вардар и Металург

Покрај денешниот премиерен настап на Вардар и на Металург во новата сезона од ЛШ, денеска и официјално се означува и почеток на новиот македонски шампионат, во кој Вардар повторно е апсолутен фаворит за титулата. Согласно пропозициите, првиот дел од натпреварувањето и оваа сезона ќе мине без Вардар и Металург, кои ќе ја претставуваат Македонија во СЕХА-лигата.

Битолското дерби меѓу Пелистер и Работник е одложено за вторник, а со тоа дебито на Филип Кузмановски во дресот на битолските „фармацевти“. Одличниот репрезентативец си замина од Металург, а од неколкуте понуди ја избра онаа од својот роден град, што дефинитивно беше и главниот суперлигашки трансфер летово. Работник летово доведе уште еден репрезентативец, и тоа Никола Маркоски од Орошази, како и поранешниот голман на националниот тим, Благојче Трајкоски кој пристигна од Охрид. Целта е јасна, да се стигне најмалку до второто место и учество во СЕХА, за што во прилог на Работник му одат и сериозните проблеми со кои се соочува Металург.

Пелистер летово повторно направи целосен ремонт во играчкиот кадар, носејќи пред се странски ракометари (домашни се Борјан Маџовски од Металург и Никола Стоилевски од Бутел). Најголемо засилување се очекува да биде Кобетиќ од Охрид, но јасно е дека тренерот Петрески ќе има полни раце работа да го воигра овој тим.

Пролет останува доследен на клупската политика да се базира исклучиво на домашни играчи, па го задржа тимот со кој минатата сезона обезбеди излез во европските купови.

Интересно ќе биде да се види како ќе функционира проектот на Струга, по носењето на неколку младински репрезентативци како Костески, Кизиќ и Дарио Петровски, кои би требало да добијат значајна минутажа кај тренерот Бошковски за да ги потврдат своите квалитети.

Во првото коло викендов силите ќе ги одмерат:  Бутел – Прилеп, Борец – Струга, Пролет – Охрид и Вардар јуниор – Радовиш.

Се вчитува...