Време е за дерби: Вардар и Шкендија во прва меѓусебна битка сезонава!

Најдобрите македонски фудбалски клубови Вардар и Шкендија денеска на „Тодор Проески“ во Скопје ќе го одиграат првиот и планираните четири натпревари сезонава во Првата македонска фудбалска лига како дел од 2. коло од шампионатот.

Голманот на Вардар, Давор Талески, има и посебни мотиви секогаш кога игра против Шкендија, тој е поранешен играч на тетовскиот клуб. Секако, сега е максимално мотивиран заедно со соиграчите да оди на победа против Шкендија.

„Нe очекува дерби натпревар против Шкендија веќе во второто коло. Се подготвувавме добро во текот на целата недела и се надеваме дека ќе се покажеме во вистинско светло. Имаме респект за Шкендија, која има одличен тим, но ние сакаме да покажеме зошто сме шампиони“, изјави Давор Талески.

По враќањето од Шкотска, „црвено-црните“ од Тетово имаа на располагање два дена за максимална подготовка пред овој натпревар. Голманот на Шкендија, Ферат Рамани, ја потврди високата подготвеност на целиот тим за неделниот дерби-дуел во Скопје.

„Секогаш сме максимално подготвени и за нас секој натпревар има исто значење. На секој терен излегуваме со една единствена цел – да победиме. Без разлика кој е од спротивната страна, ги следиме замислите на шефот на стручниот штаб и на теренот го даваме последниот атом од силата,“ истакна Рамани.

Младиот чувар на мрежата верува во уште едно позитивно издание на тимот, иако признава дека згуснатиот распоред и заморот од патувањата можат да бидат сериозен противник за тетовци.

„Како и секогаш, одиме само на победа, ништо друго. Екипата е подготвена. Иако чувствуваме малку замор од патувањето и силниот ритам, тоа е фудбалот – подготвени сме за секој предизвик. Oдиме без калкулации по сите три бода,“ порача Рамани.

Се вчитува...