Време е за фајналфор: Атомскиот напад на ЦСКА против моќната одбрана на Олимпијакос

ЦСКА Моска и Олимпијакос со меѓусебниот дуел во 17.30 часот ќе ги стартуваат возбудувањата на фајналфор турнирот од Евролигата што викендов се одржува во Истанбул. Рускиот гигант ќе се обиде да ја одбрани титулата освоена лани, а прв на патот на тимот на Итудис ќе му застане Олимпијакос, последниот клуб што успеал две години во низа да стане европски првак (во 2012 и во 2013, додека за овој тим настапуваше и нашиот Перо Антиќ).

Денешниот дуел воедно ќе претставува и пресметка на извонредниот напад на ЦСКА, наспроти цврстата одбрана на која се инсистира во редовите на Олимпијакос.

Најважно е да не дозволиме ЦСКА рано да влезе во ритам, да го запреме противникот уште во раната фаза од натпреварот. Тие целата тактика ја базираат на добриот напад, ќе треба да сториме се за да не им дозволиме лесни поени, да ги натераме да шромашуваат што повеќе шутеви. Нема сомнеж дека ќе одиграме најдобро што знаеме и умееме, ќе настојуваме да ја користиме секоја грешка на противникот“ – истакна Ерик Грин, американскиот кошаркар од редовите на Олимпијакос.

ЦСКА сезонава два пати славеше над Олимпијакос, најпрвин со 75-81 во Атина, а потоа и со 90-86 во Москва, во последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во Евролигата. Сепак, кога станува збор за фајналфор турнирите, тука ситуацијата е сосема поинаква, овие два тима имаат одиграно три меча на Ф4, при што рускиот гигант нема забележано ниту една победа. Серијата на ЦСКА Москва почна со трилер-триумфот во 2012 година со поените на Принтезис во самата завршница од големото финале. Следната година Олимпијакос повторно беше подобар од ЦСКА, овојпат во полуфиналната фаза во Лондон, исто како и во 2015 година кога овие два тима се најдоа во полуфиналето на Ф4 во Мадрид.

Без оглед на тоа, во таборот на рускиот првак се оптимисти дека токму попладнево ќе ја прекинат оваа „црна серија“ против грчкиот состав.

Ланската победа во Евролигата ни овозможи да станеме уште подобар тим. Сепак, ова е нова сезона, но предизвик – играме против најдобрите тимови во Европа и мораме уште еднаш да потврдиме дека сме најдобри во Европа. Нема многу филозофија, треба да излеземе на терен и да победиме, без оглед кој тим го имаме од другата страна како противник“ – порача Милош Теодосиќ, кој се уште се мачи со незгодна повреда на мускулот, но сигурно ќе настапи на овој Ф4 турнир.

Се вчитува...