Време е за гол – Време е за прва победа на Македонија во 2026!

ЕКИПА ВО ЉУБЉАНА, 

Никола Станикевски 

Фудбалската репрезентација на Македонија утре против Словенија ќе го одигра вториот натпревар Б-дивизијата во новото издание во Лигата на нации.

По воведниот пораз од Швајцарија, мислите сега се насочени кон Словенците кои во првото коло ремизираа против Шкотска.

Македонија во 2026 година се уште е без победа, но уште попоразително е тоа што во пет натпревари се уште сме без постигнат погодок. Сепак, селекторот Гоце Седлоски верува дека Швајцарија е минато и дека Словенците се идеален противник за позитивен резултат.

„Мораме да ги поправиме грешките од мечот со Швајцарија. Ќе има освежување во играчкиот кадар и ќе дадеме максимум. Словенија во 2024 играше на Европско првенство и тоа кажува многу за нив. Резултатите кои ги имаме ги оставаме позади нас и мислиме само на мечот со Словенците. Со вжештана глава малку лошо се изразив дека не сум задоволен. Имам златни деца, феноменални фудбалери. Ќе има и освежувања и мислам дека кој и да се појави на теренот ќе даде максимум. Атмосферата во тимот е одлична и тоа ни дава поголема волја и желба за позитивен меч. Фудбалерите јас ги бирам и одговорноста е моја. Го следевме натпреварот со Шкотска и анализиравме“, почна Седлоски. 

Голманот Столе Димитриевски, вели дека имале состанок по мечот со Швајцарија на кој си кажале се и дека сега во мислите е само позитивен меч со Словенија.

„Разговаравме репрезентативците во собата за состаноци и тоа останува меѓу нас. Знаеме дека не одигравме добар меч со Швајцарија. Дека цврстината не беше на високо ниво и тоа е веќе минато. Сега натпреварите се за два дена и мора да се подготвиме и да се поддржиме. Мислам дека ќе одговориме максимално на задачата за овој дрес и Македонија. Десет години играм против Облак во Ла лига и можам да кажам дека е еден од најдобрите. Се надевам дека ќе ја завршам мојата задача и дека ќе имам чиста мрежа. Се надевам дека ќе одиграме добро и ќе ја дигнеме нашата самодоверба со неколку квалитетни меча“, изјави Димитриевски. 

Натпреварот на стадионот „Стожице“ во Љубљана е закажан за 20.45 часот.

Се вчитува...