Време е за куп спектакл: Може ли ТФТ да го повтори ланскиот успех или ќе добиеме нов шампион?

Од четврток до сабота ќе се одигра годинашното издание на Кошаркарскиот куп на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур. Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Кожув ја имаат таа чест да го отворат 30. издание од националниот куп.

Тренерот на МЗТ Скопје Драган Николиќ, вели дека тимот од Аеродром има само една амбиција, а тоа е освојување на трофејот.

„Задоволство ми е што повторно сум дел од вакво натпреварување кое е доста специфично, во кое можеш во четврток да дојдеш со едно очекување, внимание и желба, а во сабота да завршиш со друга реалност, или да го освоиш првиот пехар. Нашите амбиции се да ги освоиме пехарите, но во Купот има три ‘лизгачки скалила’ и мора да бидеме внимателни“- внимателен е шефот на стурката на „сино-белите“, вели Николиќ.

На другата страна од теренот ќе биде Александар Јончевски, актуелен селектор на нашата сениорска репрезентација, и шеф на стручниот штаб на екипата од Гевгелија.

„После одредена пауза Кожув повторно е на мапата на завршниот турнир во Купот. Со задоволство го исчекуваме натпреварот, играме против фаворитот МЗТ, проект кој е создаден да игра успешно во АБА. Не треба многу да се говори за квалитетот за противникот, ние имавме квалитетни натпревари на домашната сцена во лигата, и се надевам дека ќе ја повториме играта. Само така може да се надеваме на позитивен исход. Исто така, целиот турнир сакам да биде добар, па им посакувам добра игра и многу среќа на сите учесници“ – смета Јончевски пред првиот четвртфиналент натпревар во четврток од 12 часот.

Нешто подоцна (14.30 часот), за место во полуфиналето ќе разигруваат екипите на Гостивар и Феникс 2010

„Ние како клуб, како Гостивар, одиме чекор по чекор. Првата пречка е Феникс 2010, екипа од која доживеавме тежок пораз. Ги анализиравме добро, и ако нашите играчи дадат 100% во напад и одбрана имаме добри шанси да ја вратиме нашата екипа на победнички патеки и да дојдеме до полуфинале“, кажа на прес-конференцијата, Љупчо Малинков, првиот тренер на екипата од Гостивар.

„Ние сме втора година на овој настан. Минатата година бевме дебитанти и загубивме во полуфиналето од МЗТ Скопје. Оваа година сме дојдени тука да играме финале, нема да се предадеме против никого. Се игра еден меч, мора да сме внимателни и се надеваме дека ќе ги оствариме целите“, вели Денис Дервишевиќ, шефот на струката на Феникс 2010.

Актуелниот шампион ТФТ ќе се сретне со најтрофејниот македонски клуб Работнички во дербито на рундата.

„Трета година сме по ред во Купот. Прво бевме дебитанти, потоа влеговме како поискусни, а сега влегуваме како актуелни прваци. Знаеме добро за какво натпреварување станува збор и дека може секоја од осумте екипи да изнезнади и да влезе во игра за трофеј. Благодарност за колегата Димитар Мираковски за убавите зборови, морам да признаам дека Работнички полека повторно се крева, станува кошаркарски бренд, екипа на онаа на која се сеќаваме од минатото и со кој сите сме растеле. Се надевам дека времето кое доаѓа, ќе го донесе Работнички на квалитетот од претходно. Конкретно, за мечот кој треба да го играме, ова ќе биде реприза од нашето прво учество. Сега шансите се 50-50, дојдени сме да се натпреваруваме без притисок и императив. Психолошката подготвеност тука е многу важна, затоа што се играат три меча во три дена. Важен ни е првиот дуел, а потоа ќе не носи адреналинот и мотивацијата, секако, ако патуваме понатаму“, изјави тренерот на ТФТ Смилковски.

„Купот е тешко натпреварување каде во три дена се играат три меча, а се започнува од првиот и тоа е најтешкиот и најважниот натпреавар. За разлика од претходно кога го водев Работнички, сега ситуацијата е различна. Тогаш против нас имавме предизвикувач, а сега имаме актуелен освојувач на Купот, тим од АБА-2, тим што играше ЛШ и што расте од ден во ден. Знам колку колегата Смилковски работеше за такво нешто и затоа улогата на благ фаворит ја предавам на ТФТ поради големиот број на натпревари кои ги имаат зад себе“, вели предвоникот  на Работнички Димитар Мираковски.

Последното четвртфинале ќе го сочини дуелот Пелистер – Еуро Никел.

Кошаркарот на битолчани Бобан Стајиќ смета дека годинава тие можат да бидат изненадување во купот.

„Сите знаеме што значи Куп-натпреварувањето, секоја година сме сведоци на многу возбудувања и изненадувања. Оваа година се надевам дека ние ќе бидеме изненадувањето во Купот. Нашата екипа игра во форма која е во нагорна линија. С надеваме дека тоа ќе го прикажеме и на овој настан. Играме против искусна екипа, создадена од искусни играчи кои имаат многу Куп-натпреварувања зад себе. Но, на наша страна е енергијата и младоста, така што се надевам дека тоа ќе го искористиме и чекор по чекор ќе одиме кон посакуваната цел, а тоа е прв трофеј на Пелистер во историјата“, изјави Стајиќ.

Се вчитува...