Време е за осминафинале: Словенците суперфаворити, дербито е Грција – Литванија

Со денешниот дуел меѓу Словенија и Украина (11.30 часот) и официјално ќе биде означен стартот на нокаут фазата од Евробаскет 2017. Идентично како и пред две години, откако групната фаза се одржа во четири различни земји, битката за трофејот ќе се води само во една држава – Турција, па денеска и утре 16-те најдобри европски селекции во Истанбул ќе ги одиграат своите осминафинални пресметки.

Барем на хартија најлесна задача би требало да имаат кошаркарите на Словенија. Предводени од Драгиќ и од Дончиќ Словенците играат извонредна кошарка и со максимални пет победи ја завршија групната фаза, додека на спротивната страна Украина е далеку од нивното ниво, a до осминафиналето стигна со победата во последното коло над Израел, меч што немаше никакво значење за ко-домаќините на шампионатот.

Дербито на осминафиналето ќе се игра вечерва во 20.30 часот, а силите ќе ги одмерат поранешните шампиони Литванија и Грција. Составот на Грција играше далеку под своите можности во групната фаза, па пласманот во Топ 16 го избори дури во последното коло со победата над Полска. Сепак, јасно е дека со Вурусис, Калатес, Слукас, Принтезис… Грците имаат доволно оружје за да го совладаат секој ривал, а на Литванците нема да им биде нималку лесно да стигнат до четвртфиналето.

Финска, која беше најпријатно изненадување во групната фаза, ќе се обиде и надвор од својата земја да ги продолжи добрите игри, на дуел со Италија. Интересно се очекува да биде и на пресметката меѓу Германија и Франција, особено ако се земат во предвид огромните осцилации во играта на „триколорите“ во текот на целиот шампионат.

ДВОЈКИ ЗА ОСМИНАФИНАЛЕ

Сабота

Словенија – Украина        11.30ч

Германија – Франција      14.15ч

Финска – Италија               17.45ч

Литванија – Грција            20.30ч

Недела

Латвија – Црна Гора           11.30ч

Србија – Унгарија                14.15ч

Шпанија – Турција              17.45ч

Хрватска – Русија                 20.30ч

Се вчитува...