Времето минува, а Металург се уште „виси“ – клучен е проблемот со Зоран Кастратовиќ

Се помалку време останува за Металург да ги надмине проблемите со долговите и суспензијата од ЕХФ, со што клубот од Автокоманда би добил зелено светло за настап во плејаут натпреварувањата. Металург ги загуби службено бодовите од последните суперлигашки рунди на кои клубот не настапи поради суспензијата, се очекува истото да биде случај и за наредниот дуел со Скопје, но трендот не може да продолжи и во плејаут-лигата, што практично значи – или Металург ќе ги подмири долговите за кои ги има загубено тужбите во ЕХФ или клубот ќе биде исфрлен од елитниот ранг на натпреварување во мак-ракометот.

За потсетување, Металург има загубено два спора во ЕХФ, едниот со словенечкиот интернационалец Шпенде и вториот со екс-тренерот Зоран Кастратовиќ. Клубот од Автокоманда во текот на денешниот ден ќе го добие ваучерот и ќе биде во можност без проблем да го исплати долгот кон Шпенде (околу 25.000 евра), но проблем останува спорот што управата на Металург го има со Зоран Кастратовиќ.

Имено, екс-тренерот инсистира на исплата на целокупниот договор со Металург иако го напушти клубот по само неколку месеци од сезоната. Сумата што тој ја побарува преку ЕХФ изнесува околу 65.000 евра, додека Металург е подготвен да плати „само“ два милиони денари (околу 33.000 евра), сума што на Кастратовиќ му следи според сработеното додека беше тренер, но не и откако си замина од клупата и потоа во текот на истата сезона го презеде кормилото на Пролет.

„Ја оспоруваме одлуката на ЕХФ за Кастратовиќ, бара да се исплатат седум плати до крајот на договорот. Тоа не е чесно, парите не се заслужени. Јас ги прифатив платите кои ги одработил, како и премијата. Не го прифаќам неговото барање бидејќи сам даде отказ. Зборев со Катстратовиќ не можеме да најдеме заедничко решение. Со Шпенде се договоривме. Вкупниот долг на Металург изнесува околу 60.000 евра, а со барањето на Кастратовиќ тој достигнува до 90.000 евра“, истакна претседателката Зорица Блажевска на прес-конференцијата на која говореше за кризата на клубот од Автокоманда.

Ситуацијата оттогаш не е променета, двете страни се далеку од договор. Доколку не биде најден заеднички јазик, Металург ќе се пресели во најнизок ранг на натпреварување, но со самото тоа и ќе исчезнат шансите за наплата на долгот на сите оние кои имаат свои побарувања од повеќекратниот македонски првак.

Време има се помалку, а со самото тоа и шанса да биде избегнато „црното сценарио“ во Автокоманда.

Се вчитува...