Втор пораз: Турците пресилни за македонските одбојкари

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА 0-3 (20-25, 23-25, 13-25)

Одбојкарската репрезентација на Македонија го загуби и вториот меч на ЕП 2019, овојпат со максимални 3-0 во сетови од селекцијата на Турција. Немаа сили македонските одбојкари да сторат ништо повеќе на овој дуел, Турција обезбеди експресна и убедлива победа.

Турците уште од стартот покажаа дека сакаат максимален триумф, брзо се одлепија, поведоа со 19-14 и релативно лесно го освоија воведниот сет.

Македонските одбојкари имаа многу подобро издание во вториот сет, ја задржаа неизвесноста до финишот, имаа и водство од 19-18, но потоа проработи блокот на Турците, направија серија од четири поени на сервис Адис Лагумџија и го свртеа текот во своја корист. На крајот го заокружија со минимални 23-25.

Загубениот втор сет комплетно ги декласира избраниците на Никола Матијашевиќ. Во третиот речиси и да немаше борба, Турција поведе со 18-9, а потоа и лесно го приведе мечот до крај.

Утре македонската одбојкарска репрезентација од 17.30 часот игра против најголемиот фаворит во групата, селекцијата на Русија.

Се вчитува...