Втора лига: Радовиш му одржа лекција по кошарка на лидерот

Радовиш ги потврдува високите амбиции во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона, откако оваа екипа значително ги засили своите редови и најави атак на место во Првата кошаркарска лига на Македонија. Кошаркарите на Радовиш во денешното дерби на Втората лига за противник го имаа лидерот Гостивар, токму против тимот што досега немаше ниту еден пораз сезонава демонстрирајќи ја својата надмоќ со преубедлива победа од 89-61.

Имено, екипата на Радовиш му одржа лекција на првопласираниот тим на табелата, декласирајќи го со убедливи 28 поени разлика. Домаќините од самиот почеток наметнаа пеколно темпо што гостиварци не можеа да го следат, уште на полувреме имаа двоцифрена предност (46-33), за на крајот убедливо да триумфираат и на тој начин да си ги потврдат високите амбиции.

Радовиш по оваа победа има скор 8-4 и се наоѓа на третата позиција, зад Гостивар (11-1) и Водњански лисици (8-4). Во следното коло на програмата во Втората лига е ново дерби, овојпат во Скопје меѓу екипите на Водњански лисици и Радовиш.

Се вчитува...