Веселин Вујовиќ има причина за загриженост откако Вардар беше целосно надигран и поразен со девет гола разлика од Еурофарм Пелистер во дуелот од Суперкупот на Македонија што се одигра денеска во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Иако „вардарци“ беа преполовени и без дел од клучните засилувања како Гурбиндо, Кудуз и Тото, се очекуваше далеку подобро издание од актуелниот првак на Македонија. Вујовиќ смета дека овој пораз не треба да значи и палење на „алармот“ бидејќи се уште е старт на сезоната, но трофејниот стручњак не го криеше разочарувањето од изданието на македонските ракометари на денешниот натпревар.
„Најразочаран сум од македонските играчи. Јас многу работам со нив, им посветувам време на тренинзите, вложувам во нив, но тие денеска покажаа дека се далеку од квалитетот што е неопходен. Ако продолжат вака сите сме во големи проблеми. Немам ниедна замерка на победата на Еурофарм Пелистер. Ова е првиот меч од оние многу кои не очекуваат многу оваа година. Ни фалеше Гурбиндо, тука ќе биде и Кудуз, исто и двајцата француски ракомеари. Сигурно дека со нив ќе биде поинаков тимот. Но, ќе повторам, не чека долг пат. Можеби ова е добро предупредување на почетокот. Има уште многу во играта за промена, ама некои играчи ќе мора да се замислат дали ќе може да го носат дресот на Вардар“, изјави Веселин Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА