Вујовиќ: Во Магдебург ќе настапиме во најсилен состав со цел да го освоиме трофејот

Ракометниот клуб Вардар денеска одржа прес-конференција на која беа промовирани и дресовите за престојната сезона. Покрај тоа тренерот Веселин Вујовиќ се осврна и кон натпреварите од Суперкупот на Македонија, како и Струшкиот турнир кои служеа како вовед во новата сезона.

„Натпреварите во Суперкупот и Струшкиот турнир доаѓаат рано, исто како и мечевите со Загреб. Но, ние не се жалиме за тоа. Суперкупот го игравме со македонски играчи, поради законот кој не е до крај дефиниран. Што се однесува до екипата, последен се приклучи Гурбиндо. Учествуваше на ЛОИ. Тоа е голема чест да имаме ваков играч. Ни фали уште Саревски, кој учествуваше со младинската репрезентација. Му дадов време да  се одмори, затоа што имаше напорно лето“ – изјави тренерот на Вардар.

Вардар продолжува со подготовките за новата сезона со силен турнир во Германија, а потоа следува и четвртфиналето од СЕХА лигата каде противник на „црвено-црните“ е Загреб.

„Потоа следува нашиот настап на турнирот во Магдебург. На истиот ќе настапиме во најсилен состав, односно ќе играме натпреварувачки и искрено посакувам да го освоиме трофејот. Знаеме дека Магдебург е квалитетен тим, кој е во врвот на германскиот ракомет, но ние веруваме во нашите квалитети. По турнирот во Германија ни следува двомечот со ППД Загреб во СЕХА лигата. Загреб е историски клуб, исто како и Вардар и навистина жал ми е што само еден тим ќе игра на завршницата на СЕХА“ – додаде стретегот.

Се вчитува...