Вуков тестираше во Мизано, оптимизам во таборот на „GDL racing“

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико, денеска одработи тест на патеката „Марко Симончели“ лоцирана во Мизано, крај Римини, која важи за патека на која со традиција се вози мотоциклистичката трка за Големата награда на Сан Марино.

Ова беше негов прв тренинг во новата сезона, откако пред еден месец на спектакуларната промоција во Скопје го прикажа возилото со кое ќе настапува во 2021 година. Иако тестирањето беше неофицијален настан, организцијата сепак беше преку неговиот тим „GDL racing“ со кој настапува во Порше Карера Куп.

„На ова тестирање имаше различни возила, од повеќе различни првенства. Неколкумина беа од моето натпреварување, но имаше и од ТЦР Италија и од ГТ-шампионатот. Временските услови беа стабилни, но сепак ниските утрински температури, како и фактот дека вчера тестирале мотоцикли, доведе до нерепрезентативни времиња во претпладневниот дел. Попладнето се беше речиси совршено, гумираноста на асфалтот се подобри и бевме во можност прилично лесно да ги постигнеме најбрзите времиња кои ги постигнавме лани.Тоа ни дава оптимизам дека кога ќе дојдат натпреварите ќе бидеме во ситуација да се подобриме од резултатска гледна точка“.

Новата сезона на Вуков започнува со трките на 5 .и 6. јуни, а тој очекува дека област во која може да постигне најголем напредок се квалификациите.

„Денес се фокусиравме на надградба на системите кои се користат на тренинзите, а ни се од помош за сетирањето на автомобилот. Тоа унапредување би требало да доведе до полесен сет-ап, односно брзина во еден круг. Инженерите на тимот исто така ми помогнаа со информации од нивна страна, бидејќи тие имаат можност да ги анализираат податоците од овој тест, споредено со она што сме го имале во трка“.

Овој тест нема да биде единствен во пресрет на новата сезона. Следна шанса за Вуков и неговиот тим ќе биде тестот на патеката Муџело кој е закажан за 10. и 11. април.

Се вчитува...