За Дончиќ не постојат граници – нов рекорд и нова победа на Далас

Серијата неверојатни настапи на Лука Дончиќ продолжи и на синоќешниот дуел против Кливленд што тимот на Далас го доби со 143-101, а словенечката суперѕвезда урна уште еден рекорд во НБА-лигата. Имено, Дончиќ стана најмлад кошаркар што успеал да постигне по 30 поени на три натпревари во низа, а Далас само четврти тим во историјата што на три меча во серија триумфирал со над 40 поени разлика.

Удобната предност на неговиот тим овозможи Дончиќ воопшто да не влегува во игра во последната четвртина, но и за 28 минути на теренот тој успеа да стигне до 30 поени, 14 асистенции и седум скокови.

ЛА Клиперс во драматичен натпревар славеше над Хјустон со 122-119, стигнувајќи до четвртата победа во низа. Ленард го погоди клучниот шут за домаќините при резултат 118-119, потоа Вестбрук промаши отворен шут за тројка, по што Пол Џорџ од линијата за слободни фрлања стави печат на победата. Харден со 37 поени беше најефикасен на натпреварот, додека прв стрелец на ЛА Клиперс беше Лу Вилијамс со 26 постигнати поени.

ЛА Лејкерс на гостински терен триумфираше над Оклахома со 127-130, меч во кој Дејвис беше најефикасен со 33 поени и 11 скокови, а Леброн Џејмс реализираше 23 поени и 14 асистенции.

Резултати НБА: 

Детроит – Атланта 128-103, Вашингтон – Шарлот 125-118, Бруклин – Сакраменто 116-97, Чикаго – Мајами 108-116, Оклахома – ЛА Лејкерс 127-130, Филаделфија – Сан Антонио 115-104, Далас – Кливленд 143-101, Денвер – Бостон 96-92, Јута – Голден Стејт 113-109, ЛА Клиперс – Хјустон 122-119.

Се вчитува...