За Македонија со мечот против Романија почнува вистинската битка: Три клучни натпревари во трката за второто место во квалификациите!

Македонската репрезентација со натпреварот против Романија утре на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ја стартува втората половина од квалификациите за СП 2022.

Со натпреварот против Романците во суштина почнува вистинската битка за втората позиција во квалификациската група. И сосема е веќе јасно дека за второто место трката ќе биде меѓу Македонија, Романија и Ерменија.

Ако се исклучат натпреварите на овие три селекции со Германија, под претпоставка дека Германците ќе ги добијат сите свои натпревари до крајот на квалификациите и објективно ќе дојдат до првата позиција, а ако се смета на тоа дека Македонија, Романија и Ерменија ќе слават на преостанатите свои натпревари против Лихтенштајн, тогаш е јасно дека ќе одлучуваат меѓусебните натпревари, и плус дуелот со Исланд.

Во една таква ситуација Македонија е во најповолна ситуација, бидејќи на домашен терен ги пречекува Романија и Исланд, а одлучувачки може да биде гостувањето на Ерменија следниот месец. Но, со предуслов утре да се слави против Романците во Скопје.

Ерменците имаат две гостувања, против Романија и против Исланд, додека Романија по утрешното гостување во Скопје, потоа дома ги пречекува Ерменија и Исланд.

Македонија испушти огромна можност да биде во предност пред двата директни конкуренти за второто место со ремито на гостувањето против Исланд во Рејкјавик. Избраниците на Благоја Милевски до 78. минута имаа предност од 0-2, а потоа неочекувано дозволија необјасни пад и два погодоци на домашните за конечни 2-2.

Се вчитува...