За потврда на добрата форма и за опстанок: Карпош соколи го пречекува ФМП (21ч.)

Карпош соколи вечерва имаат шанса да поврзат четири победи во регионалната АБА лига, нагостувајќи го тимот на ФМП (21ч.). По победите над Цибона, МЗТ Скопје и Олимпија Љубљана (прва гостинска победа) избраниците на Драган Николиќ се надеваат на уште еден триумф, против директниот конкурент за опстанок во јадранското натпреврување.

ФМП во моментов има ист број на бодови како и Соколи, а победникот од денешниот натпревар со ’една нога’ ќе има речиси сигурен опстанок. На првиот меѓусебен дуел оваа сезона, кошаркарите на ФМП славеа со 67-62 така што денешната победа на „соколите“ би била своевидна одмазда.

„ФМП е квалитетна екипа, предводена од извонредниот Човиќ кој е гирач број еден и ја прави разликата на средбите во кои овој тим победува. Тука е и Болден, одличен скокач и шутер, а останатите во тимот се талентирани момци кои се добро предводени од тренерот Максимовиќ. Противникот е мал фаворит на претстојниот натпревар, но ние не сме толку големи аутсајдери како на некои од претходните средби. Ќе дадеме сè од себе да дојдеме во ситуација да се надеваме на победа. Триумфот над Олимпија е веќе заборавен бидејќи наша желба е да гледаме само напред и да ги оствариме зацртаните цели како во АБА лигата така и во другите натпреварувања каде настапуваме“ – вели тренерот Николиќ.

Капитенот на „соколите“, Игор Пенов, вели дека самодовербата по гостинскиот триумф е на повисоко ниво.

„Победата во Љубљана, заедно со двете претходни на домашен терен дефинитивно ја зголеми самодовербата кај нас играчите, кои сепак сме свесни дека таа треба да биде потврдена и на претстојната средба со ФМП. Ова за нас е голема шанса да ја продолжиме серијата победи и речиси сигурно да обезбедиме опстанок во АБА лигата. Нема да ни биде лесно, но добро сме подготвени и со максимално почитување на договорот мислам дека ќе можеме да се радуваме на крајот“ – дополни Пенов.

Се вчитува...