За Шкендија и Шкупи нема друга алтернатива: Само победа против Пелистер и Скопје

Променливиот старт на сезоната за Шкендија и за Шкупи носи единствен императив во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига, безусловни победи во пресметките со Пелистер односно Скопје.

Шкендија гостува на Пелистер во Битола против тимот кој нема ниту еден освоен бод од првите четири натпревари. За составот на Бруно Акраповиќ се друго освен триумф ќе биде неуспех.

„Сите гостински натпревари се тешки, но Шкендија секогаш игра на победа и три бода. Во никој случај не треба да го потценуваме противникот иако Пелистер се уште нема освоено бод. Напротив сега веројатно ќе бидат многу мотивирани да ги освојат првите бодови. Но, ние сме добро подготвени, против Македонија ЃП имавме добар натпревар постигнувајќи четири гола, а одигравме добро и против Брегалница. Ако ја повториме играта што ја одигравме на последните два натпревари, убеден сум дека успехот нема да изостане и со победа ќе се вратиме во Тетово“ – вели капитенот на Шкендија, Егзон Бејтулаи.

Сосема идентични се очекувањата и во таборот на Шкупи за пресметката со Скопје.

„Не очекува многу важен и тежок натпревар, но ние ја знаеме нашата цел а тоа е победа. Добро се подготвивме за овој меч, ќе дадеме се од себе да ги израдуваме нашите навивачи“ – вели Алжирецот од редовите на Шкупи, Валид Хамиди.

Натпреварот меѓу Шкупи и Скопје ќе се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

ПРВА ЛИГА (5. КОЛО – денеска, 16 ч.)

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Штип: БРЕГАЛНИЦА – АК. ПАНДЕВ

Скопје: ШКУПИ – СКОПЈЕ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА

Кавадарци: ТИКВЕШ – СТРУГА ТЛ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БОРЕЦ

Се вчитува...