„Заборавете на враќање на публика на стадионите“

Италијанскиот Министер за Спорт, Винченцо Спадафора, им порача на фановите да не се надеваат на враќање назад на трибините за стартот од новата сезона во Калчо-лигата. Голем дел од навивачите се надеваа на делумно пуштање на трибините во употреба, но Спадафора е дециден дека во период на нов раст на бројот на заразени од Covid-19 воопшто не се размислува за публика на фудбалските натпревари.

„Надвор од секоја реалност е сега некој да препорача новата фудбалска сезона да се игра пред публика. Самиот факт дека оваа сезона успеавме да ја финишираме согласно сите протоколи е голем успех за сите, бидејќи многумина се сомневаа дека не постојат услови за такво нешто. Можеме само да се надеваме дека во септември ќе продолжиме во ист стил, но кога станува збор за навивачите, за да дојде до нивно враќање на стадионите мора здравствената состојба меѓу населението значително да се подобри пред да дискутираме посериозно на оваа тема“, истакна Спадафора.

Новата сезона во италијанскиот фудбал би требало да стартува на 12 септември.

Се вчитува...