Загреб доаѓа во Битола: Идеална шанса за прва европска радост на Е. Пелистер

Ракометарите на Е. Пелистер вечерва со почеток во 18.45 часот го пречекуваат составот на Загреб, во рамките од десеттото коло во Лигата на Шампионите во кое битолчани се надеваат дека конечно ќе ја прекинат катастрофалната серија од девет порази во низа во елитното европско натпреварување. Барем на хартија, денешниот меч треба да претставува најдобра шанса да се стигне најмалку до бод, ако се знае дека Загреб моментно е претпоследен во групата со осум освоени бода, но сите на домашен терен.

„Пелистерци“ играат поквалитетно пред своите верни навивачи, во големи периоди одлично парираа на врвни европски клубови, што дава за надеж дека со слично издание против Загреб би можеле да стигнат до толку посакуваниот триумф. Секако, предизвикот воопшто не е мал ако се знае дека македонскиот првак загуби во Загреб со убедливи 27-18, но тоа беше меч во кој Е. Пелистер четириесетина минути целосно парираше, за потоа да дојде до колапс во играта во завршницата што придонесе дуелот да заврши со убедлив пораз.

„Против себе ќе имаме една ракометна институција, само треба да погледнеме во минатото и не треба многу да зборуваме за името на противникот. Јас ја имав таа среќа, а можеби и привилегија, да бидам дел од Загреб заедно со Лазаров, Марковски, Јовиќ, потоа и Стоилов и Мајнов“, изјави тренерот Ангеловски, кој како ракометари ги бранеше боите на хрватскиот ракометен гигант.

Потоа стратегот на Пелистер се осврна и на игрите и формата на Загреб оваа натпреварувачка сезона.

„Ќе имаме проблем да ја разбиеме таа нивна густа и хомогена одбрана. Тие играат константно добро и верувам дека можат да стигнат и до следната фаза од Лигата на Шампионите. Импресиониран сум од настапите на Загреб, но истовремено и свесен дека имаат недостатоци во играта, нешто што ние ќе се обидеме да го искористиме“, прокоментира Бранислав Ангеловски.

Се вчитува...