Захариевски: Не сакаме да се оптеретуваме со Европа…

Шефот на стручниот штаб на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски вели дека неговиот тим е максимално подготвен за предизвиците кои го очекуваат во вториот дел од Првата македонска фудбалска лига.

Стружани не се оптоваруваат со Европа, но ќе играат од натпревар на натпревар во желбата за што поуспешни резултати.

„Подготовките минаа во најдобар ред. Контролните натпревари беа многубројни, но со цел сите фудбалери да ја добијат вистинската минутажа и преку вакви вежби и натпревари да се изборат за место во поставата. Секако дека сме подготвени, не само за првиот натпревар, туку и за целиот пролетен дел. На секој натпревар нашите фудбалери со прикажаната игра и нивниот пристап сами изнудуваат почит од противниците. Не доведовме многу засилувања, затоа што очекувам уште поголем квалитет од нивна страна. Можам да кажам дека на секој натпревар ќе играме на победа, а со Европа не се оптеретуваме” – вели Захариевски.

Утре Струга ТЛ ја очекува пресметката со Македонија ЃП…

„За нас секој натпревар е дерби, бидејќи секој натпревар ни е важен, зошто сепак ние сме нови во ова друштво во кое сакаме да докажеме дека имаме тим, организација и услови да бидеме уште долги години дел од елитата. За дуелот со Македонија ЃП сите фудбалери се во комбинација. Сепак, можам да кажам дека силата на Струга Трим Лум е во тимската игра, како што бевме сведоци и во есенската сезона. Тоа ќе не води и во пролетниот дел“ – дополнува стратегот на стружани.

Се вчитува...