Захариевски: Не се залетуваме по последните резултати, долго е првенството

По денешната победа против Шкупи во 7. коло од ПМФЛ, екипата на Струга ТЛ нанижа седум бода на последните три првенствени дуели веќе и сериозно наметнувајќи се за врвот од табелата во шампионатот.

Но, сето тоа воопшто не го залажува шефот на стручниот штаб на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски затоа што јасно е дека првенството е долго.

„Одигравме како што се договоривме. Го оставивме Шкупи на некој начин да доминира и да ја води играта, а ние трпеливо да чекаме погоден момент за контра или полу-контра. Така и бидна. Резултатот го отворивме искористувајќи ја шансата која ни се укажа. Во второто полувреме продолживме со истата игра. Вториот погодок кој ја запечати победата беше награда за желбата и мотивираноста кај фудбалерите. Моментално се наоѓаме во горниот дел од табелата, но не се залетуваме бидејќи првенството е долго и се може да се случи до крајот“ – истакна Захариевски по денешната победа против Шкупи.

А, херој на победата беше капитенот Нијаз Лена, стрелец на двата погодоци во триумфот од 2-0.

„Искрено жалам што на вакви натпревари како денешниот нема публика на трибините. Сигурно ќе беа задоволни од фудбалската претстава на двете екипи. Што се однесува до головите, тие се награда за тимската игра. За првиот погодок се најдов на вистинско место, додека за вториот гол целата екипа има свој удел бидејќи секој си ја одработи својата задача“ – ни изјави Лена.

Се вчитува...