Започнува битката за титула – ќе успее ли Пелистер да ги тргне „вечните“ од тронот?

На турболентната сезона која што е како никоја друга, а ја краси изедначеноста и се ближи крајот. Регуларните 22 кола ни дадоа назнака кои треба да бидат очекувањата во битката за титула, Купот на Македонија кој за овие тимови беше вовед во ова што следи, разјасни некои работи, но сега е она правото, она што сите со нетрпение го очекуваат.

Најголемото прашање кое што се поставува во пресрет на четвртфиналето е дали Пелистер може да ги симне МЗТ Скопје и Работнички од тронот на мак-баскетот по една деценија? Судејќи по регуларниот дел од сезоната битолските „зелено-бели“ се фаворити, но многу ќе значи и од двата клуба кои во последните десет години „испуштија“ само еден трофеј во мак-баскетот.

Богатата програма денеска започнува со два дуела од 17 часот, а еден од нив ќе се игра на „Кале“ каде Работнички ќе го пречека ТФТ. Оваа сезона нема „пар“ кој одиграл понеизвесни дуели од скопските состави, а се започна пред почетокот на сезоната кога во подготовките новалијата приреди изненадување во „Градски Парк“. Истата рецепта избраниците на Смилковски ја искористија и во првиот лигашки натпревари, а центарци го возвратија ударот на следните две средби.

ТФТ е тим кој негува брза, полетна кошарка со голем број на поседи, а транзицијата која ја играат „црно-белите“ оваа сезона ги помести границите во македонската кошарка. За разлика од нив, Работнички се осврнува повеќе во играта „два на два“ со искористување на високите Бундовиќ и Младеновски во рекетот.

Но, имаше и еден интересен детал од финалето во Купот кога Мираковски се одлучи за ниска петорка и се врати на стратегијата од почетокот на сезоната со осврнување во шутот за три поени, која овој пат би била погубна во однос на физичките предиспозиции на паркетот, но предност во зонските одбрани на ТФТ. Оној кој денеска ќе го исконтролира скокот, ќе го заштити рекетот, односно ќе трча подобро во транзиција ќе заврши половина од работата за предност во четвртфиналната серија.

Во исто време започнува и дуелот во „26ти Април“ каде Еуро Никел ќе го пречека Гостивар. Меѓусебните дуели во регуларниот дел од сезоната беа во полза на Гостивар, но кавадарчани одговорија перфектно во Купот на Македонија каде што целосно ја диктираа играта. Јасен проблем на мечот кој беше одигран пред само пет дена беше заштитата на рекетот од „џинот“ Рикиќ, нешто што избраниците на Јончевски мораат да го поправат со удвојување.

Притоа гостиварци мораат да одговорат подобро во нападот, да го рашират рекетот и да ја искорситат преднoста во брзина против 219 сентиметри високиот центар. „Сино-белите“ оваа сезона докажаа дека се „шутерски“ тим, тоа го видовиме и на натпреварот против Пелистер, но за славје во оваа серија мораат да бидат на врвот на својата задача.

Час и половина подоцна (18:30) Пелистер ќе се обиде да го одбрани домашниот терен од кобниот состав на Академија ФМП. „Пантерите“ приредија вистинска сензација на отварањето на Купот со победа против „зелено-белите“, но фаворитстата улгоа сеуште им припаѓа на избраниците на Илиевски кои ќе бидат дополнително мотивирани на денешната средба.

Тимовите на Александар Петровиќ никогаш не смеат да се потценат, но искусниот стратег во оваа серија нема да може да смета на услугите на Рони Харис, а ќе биде интересно да видиме како ќе ја пополни празнината Лука Стојановски кој докажа дека има капацитет за борба против најсилните.

Голем дел од играта на ФМП се темели врз Стефан Крстајиќ, но во редовите на Пелистер има бекови како Стајиќ и Николиќ кои можат да одговорат перфектно во одбраната, а тоа го докажаа на натпреварите од регуларниот дел од сезоната.

Последната средба денеска ќе биде одиграна од 20 часот во „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе брка нова победа против Куманово. Аеродромци и на овој меч влегуваат со фаворитска улога во однос на „сино-белиот“ противник. Едноставно ширината на клупата на „штрковите“ е преголем залак за кумановци кои ќе мораат да бидат перфектни во текот на целата серија.

Четвртфиналето од Купот докажа дека Френк Тарнер не може да го брани најдобриот играч на Куманово, Отис Ливигстон, но тоа одлично го стори Хасани Гравет. Многу од играта на Ѓорѓиевски се темели врз Американцот, а кога веќе избраниците на Радуловиќ ја знаат потребната формула за победа, многу ќе зависи од Бранислав Џекиќ и ширењето на рекетот со олеснување на играта под обрачот за Андрејевиќ, како и расположението во шутот од далечина.

Со оглед на тоа што МЗТ Скопје и Работнички во пресрет на овие дуели имаа само два дена одмор по тридневниот маратон, пораз на „вечните“ денеска нема да биде огромно изненадување, но би било добредојдено за оние кои што чекаат „брејк“.

Се вчитува...