Започнува нефер борбата за опстанок: Четири тима и само две места во „елитата“

Борбата за опстанок започнува денеска со еден нов и непознат систем на натпреварување со кој целосно се занемари првиот дел од сезоната, а местото меѓу најдобрите следната сезона ќе го осигураат два од четири тима.

Експериментот започнува во Гевгелија каде од 17 часот Кожув ќе се обиде да го одбрани домашниот терен од Црн Дрим. Средбите помеѓу овие два тима во регуларниот дел од сезоната им припаднаа на „црвено-белите“, но сега работите се променети. Павле Николов нема да може да смета на услугите на своите најдобри кошаркари, Димитар Караџовски и Никола Силаџи кои во пресрет на разигрувањето за титула ги променија клупските бои, додека од другата страна со низа на странски засилувања, стружани добија голема поддршка во борбата за „елитата“.

Сепак од таборот на Кожув се подготвени за овој натпревар на кој ќе дадат се од себе за го осигураат местото во натпреварувањето каде што се години наназад.

„Очекувам тврд и многу тежок натпревар, Црн Дрим пред овие натпревари донесе три нови заслувања со кои покажа дека може да се носи и со Работнички и МЗТ Скопје, но искуството е на нашата страна. Добро се подготвивме за овој натпревар, им ги знаеме предностите и слабостите, а голем дел од задачата ќе завршиме доколку ги запреме во играта во рекетот каде еден од најдобрите играчи им е Пантиќ“, изјави за ЕКИПА, Павле Николов.

Неколку часа подоцна, од 19 и 15, МЗТ Скопје 2 и Вардар ќе се сретнат во „Јане Сандански“. Дуелите на овие два тима во првиот дел од сезоната донесоа големи воздубувања во Аеродром и на „Кале“, дуели во кои ги поделија бодовите па се најавува на интересен плеј-аут дуел со многу надмудрување.

МЗТ Скопје со кам-бек победа го одбрани домашниот тим во првиот меѓусебен дуел, а дали ќе биде така и денеска останува да видиме. Боро Даскаловски верува во својот тим и во нова победа на својот тим со пристапот кој ги красеше „штркчињата“ оваа сезона.

„Во текот на првенството покажавме дека можеме да се носиме со сите. Како и сите предизвици до сега, така и овој е нов за нас. За нас разлика нема никаква, како што им велам на моите момци и пред секој натпревар, тоа е да се држат до „гејм“ планот. Да се држат до дициплината која што ја негуваме во текот на целата година и до последната секунда да веруваат во победа. Немаме искуство во играње во еден ваков систем на едно вакво ниво па се ќе биде ново за нив и многу е важно психилошки да одговориме како што треба“, изјави тренерот на МЗТ 2.

Вардар во овој натпревар влегува „освежен“ откако при крајот на регуларниот дел од првенството избраниците на Јованчев имаа подолга пауза, а „тест“ натпревар за овој меч беше дуелот против Куманово на кој „црвено-црните“ одиграа одлично прво полувреме, но не успеаја да го диктираат ритамот и во вторите дваесет минути.

„Пред натпреварот со Куманово имавме подолга пауза од три недели без официјални натпревари. Го искористивме периодот за да се спремиме и физички и тактички за овој двомеч. Имам голем респект кон екипата на МЗТ Уни Банка особено кон дел од играчите кои дел од своите младински денови ги поминале низ моите раце и знам за какви карактери станува збор. Ние влегуваме во овој натпревар максимално мотивирани и ќе дадеме се од себе да останеме во елитата“, изјави Јованчев.

 

Се вчитува...