Заубер ја ангажира Татјана Калдерон за тест-возач во новата Ф1 сезона

Ф1 тимот на Заубер ја промовира Татјана Калдерон како нов тест-возач за сезоната 2018. Досега 24-годишната Колумбијка во тимот беше  само возач за развој на болидот.

Основната задача на Калдерон ќе биде да прави тренинг сесии во симулатор и да работи со инженерите за време на натпреварувачките викенди и во централата на тимот Хинвил во Швајцарија. Од Заубер се уште не соопштиле дали Калдерон ќе има можност да го тестира и болидот за време на слободните сесии во текот на сезоната.

Татјана Калдерон е втората жена возач што ја ангажира тимот на Заубер. Пред четири години во тимот беше Симона де Силвестро.

Калдерон изрази големо задоволство од укажаната доверба и можноста да биде дел од Формула 1. Во однос на актуелното прашање за вклучувањето на жените во „машката“ Формула 1, Калдерон вели дека не гледа физичка пречка.

„Факт е дека ние жените сме различни од мажите, и ние имаме помала мускулна маса, но јас можам тоа да го надополнам со тренинзи“ – вели Татјана Калдерон.

Се вчитува...