Заврши мандатот на Филип Милошевски, РФМ добива нов генерален секретар

Новиот состав на Ракометната Федерација на Македонија, ја одржа првата седница на управниот одбор, на која беа донесени неколку одлуки.

Четири комисии добија нови членови, а РФМ доби и нов генерален секретар. Новиот претседател Александар Стефанов на оваа позиција го предложи досегашниот директор на репрезентацијата Влатко Тасевски.

Тасевски треба да дојде на местото на Филип Милошевски, кој досега ја извршуваше оваа функција. Милошевски доби благодарница од новото раководството и претседателот Стефанов.

„Мандатот на функцијата Генерален секретар го завршувам денеска. Чест, привилегија и задоволство е да се биде близок соработник со г-дин Живко Муакетов, кој за мене е одличен визионер, одличен ментор и вистински лидер кој несебично се вложува во секој сегмент во работењето. Во 12 години поминати во институцијата РФМ посветивме многу внимание и труд на сите задачи и предизвици, го дававме максимумот за унапредување и функционирање во сите сегменти на ракометниот спорт, се надевам и верувам дека и понатака со напорна работа, ќе биде спорт број 1 во Македонија. Благодарност до сите колеги во канцеларијата на РФМ и соработници. Останувам во енергетиката каде сум присутен скоро 25 години, а воедно упатувам благодарност и до мојот претпоставен г-дин Андреја Јосифовски кој ми даваше подршка за време на ангажманот во РФМ .  И секако, големо благодарам до моето семејство за подршката во изминатите 12 години. До следните предизвици, секогаш со срце за Македонија“, напиша Милошевски.

Среќко Герогиевски ќе раководи со Дисциплинската комисија на РФМ. Претседател на Арбитражна комисија ќе биде Борко Бајалски, а Горан Милошевски ќе ја води Регистрациската комисија.

Се вчитува...