Заврши победничката низа на МЗТ Скопје: Пораз од Сутјеска во Никшиќ

Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја првиот пораз во АБА2 регионалната лига. Во 5. коло од второто по квалитет регионално натпреварување, „металците“ загубија со 85-70 на гостувањето против Сутјеска.

Македонскиот шампион одлично го почна мечот со контрола на играта и резултатот во првата четвртина која ја доби со два поени предност. Но, следи во вториот период неочекуван пад во играта па Сутјеска успеа да дојде до предност од осум поени.

Со квалитетна игра повторно во третата четвртина, МЗТ Скопје успева да ја намали двоцифрената предност на противникот па пред почетокот на последниот период Сутјеска има само 60-54. Но, кога се очекуваше финална агресија на МЗТ Скопје за пресврт, сепак домашните кошаркари со одлична игра во последната четвртина успеаја да дојдат до конечна победа од 85-70.

Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје беше Хиндс со 22 поени дополнети и со пет скока, а Дамјан Стојановски мечот го заврши со 13 постигнати поени. Во победничкиот состав Павличевиќ постигна 21 поен, Кнежевиќ го заврши натпреварот со 17 поени и Вујовиќ постигна 14 поени.

МЗТ Скопје по овој пораз остана на врвот со четири победи, колку што имаат и Борац, Широки и Сутјеска.

 

Се вчитува...