Завршни активности во изградбата на трибината на СРЦ „Билјанини извори“: Сејдини во посета на Охрид

Во Охрид финишираат активностите околу изградбата на новата источна трибина на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“ кој треба да биде домаќин и на младата репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП следниот месец.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини денеска во Охрид имаше средба и со градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески со кого извршија увид во заедничкиот проект за подобрување на спортската инфраструктура во градот.

„Ова е голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот. Воедно, најавувам дека во наредните две години Охрид ќе добие уште една ваква идентична трибина повторно во соработка со општина Охрид и Фудбалската федерација. Општина Охрид континуирано ги подржува сите спортски клубови во градот и развојот на спортот со буџет од 27 милиони и 500 илјади денари, од кои 22 милиони се средства кои дирекно се слеваат во фудбалските клубови, додека 5,5 милиони се субвенции за фудбалските школи за непречено одвивање на тренинзите на стадионот Билјанини извори во Охрид“ – истакна Георгиески на средбата со првиот човек на ФФМ.

„Целта на нашата посета е да ги видиме активностите на источната трибина кои Фудбалската федерација заедно со општината ги започна пред година и пол. Вкупната вредност на овој капитален проект изнесува 1,1 милион евра. Во моментов сме во завршна фаза, активностите се интензивираат деновиве, бидејќи знаеме дека нашата млада репрезентација до 21 година на 7. септември ќе одигра натпревар на овој стадион. Со завршување на активностите наскоро СРЦ „Билјанини извори“ ќе добие нова трибина која ќе му даде лик на овој стадион. Ме радува фактот што актуелниот градоначалник на општина Охрид, Георгиески, максимално дава поддршка на сите клубови за да се стимулираат сите спортови во општината“ – истакна Сејдини.

Младата репрезентација на Македонија, под водство на новиот селектор Драган Канатларовски, на 7. септември ќе игра квалификациски натпревар против Србија на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.

ФОТО: www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...