Лацио ги загуби шансите за скудетото откако римскиот клуб повторно се „сопна“ во продолжението од сезоната, овојпат на гостувањето против аутсајдерот Лече (2-1). За разлика од последниот натпревар со Милан, овојпат тренерот Инзаги повторно на располагање ги имаше Имобиле и Каиседо, но и тоа се покажа недоволно за да се избегне пораз на вечерашниот натпревар.
Лече го постигна првиот гол на самиот почеток од натпреварот, но истиот беше поништен со ВАР. Веќе во 6. минута римјаните поведоа преку Каиседо по големата грешка на домашниот голман, по што се чинеше дека „лацијалите“ ќе забележат рутинска победа. Бабакар со прецизен удар со глава израмни на 1-1, а Лече пропушти идеална шанса за водство пред крајот на полувремето, кога домаќините не реализираа пенал (Манкосу биеше над гредата).
Грешката беше поправена на самиот почеток од вториот дел, по еден корнер од десната страна одлично се снајде Лусиони, кој со прецизен удар со глава го матираше гостинскиот голман. „Лацијалите“ тргнаа во офанзива, создадоа неколку стопроцентни шанси, но не успеаја да стигнат до нов гол, практично губејќи ги шансите во трката за скудетото. Фрустрациите придонесоа гостите да го заавршат мечот со играч помалку, откако Патрик доби црвен картон за гризење на противнички фудбалер.
Избраниците на Инзаги сега имаат седум бода помалку од Јувентус, но и натпревар повеќе од „црно-белите“ (вечерва му гостуваат на „Сан Сиро“ на Милан).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА