Зборовите на Мурињо се слушаат сè до Мадрид – Бејл игра „топло – ладно“

Жозе Мурињо повторно е незадоволен од прикажаната игра на Герет Бејл. Неколку голови и добри игри по ред не се доволни Велшанецот да се однесува како што сака, па заради ваквиот пристап кон играта, Португалецот сега се одлучи ова јавно да го соопшти.

Тотенхем претрпе нов пораз и тоа не било каков, најболниот од Арсенал, па топ 4 позиција во Премиер лигата сега е уште подалеку. Мурињо верува дека индиректни „виновници“ се Герет Бејл и Танџи Ндомбеле, кои ги замени на почетокот на второто полувреме.

“Ни недостасуваше интензитет. Беше потребно да се изврши поголем притисок и да бидеме поагресивни, па заради тоа Бејл и Ндомбеле излегоа. Требаше да играме подлабоко и да бидеме поостри, затоа ни требаше Сисоко. Бевме многу бавни во првото полувреме. Јас сум виновен како и играчите во првото полувреме. Но, мора да бидеме искрени и да кажеме дека некои се криеја и немаа никакво движење на теренот“, изјави Мурињо.

Ова не е прв пат Мурињо да изрази незадоволство за играта на Герет Бејл, па со секоја негова лоша игра се повеќе ги намалува шансите да остане во клубот од Лондон. По сето ова, Бејл најверојатно повторно ќе остане на платниот список на Реал и по крајот на сезоната, што значи дека пак ќе се врати во Мадрид. Инаку, Герет досега има постигнато 10 голови за Тотенхем, а зад своето име запиша три асистенции на 24 натпревари.

Се вчитува...